Марка: Ракитиќ уште од јануари е договорен со новиот клуб

Иван Ракитиќ е цврсто решен да си замине од Барселона, разочаран од третманот што го имаше на почетокот од сезоната кај Ернесто Валверде и недоволната поддршка од управата на клубот. Долго време се најавуваше дека во трка за негов ангажман се ПСЖ и Интер, потоа дека Ракитиќ инсистира на враќање во Севилја, а според последните информации следна дестинација на Хрватот ќе биде Атлетико Мадрид.

Ова го тврди мадридскиот весник „Марка“, според кој веќе се договорени и личните детали, на состанокот што Ракитиќ и неговиот агент го имале со раководството на Атлетико веднаш по победата на „јорганџиите“ над Ливерпул во првиот осминафинален дуел од ЛШ. Челниците на поранешниот шпански првак биле воодушевени од искреноста на Ракитиќ, кој јасно ставил до знаење дека сака да игра за тренерот Симеоне, без притоа да поставува нереални услови за да ги одолговлекува преговорите.

Според „Марка“, сите барања на хрватскиот ас биле прифатени, двете страни си подале рака, а за официјализација на трансферот се чека официјалниот крај на сезоната во Ла Лига. Ракитиќ сакал да си замине и во јануари, но се согласил да остане откако Барса дала ветување дека нема да го блокира неговиот летен трансфер. Се очекува со ова да се спушти и неговата цена, која нема да изнесува повеќе од 25 милиони евра.

Се вчитува...