Марко Симоновски е џек-пот засилување за ТФТ

Марко Симоновски е ново име во редовите на ТФТ откако доскорешниот освојувач на Купот на Македонија ги договори условите за соработка со долгогодишниот репрезентативец.

Одличниот шутер беше поврзуван со неколку домашни клубови, за на крајот да потпише договор со ТФТ до крајот на сезонава, со можност за продолжување на соработката за уште една дополнителна година.

„Постигнавме договор со Симоновски, кој од денеска ќе се приклучи на тренинзите на ТФТ. Презадоволни сме што доведовме квалитетен и искусен играч кој заедно со Костоски ќе направи разлика токму во моментите кога ќе се решаваат натпреварите“, изјави тренерот Боро Смилковски.

ТФТ останува без Американецот Бишоп, кој веќе го напушти клубот и се сели во редовите на Порторико.

„Тимот на Леонес Понсе од Порторико испрати понуда за да го доведе Бишоп. Тој играч беше дел од нашето семејство, секогаш даваше се од себе за клубот и му излеговме во пресрет да замине во клубот каде што ќе заработува многу повеќе. Тој од лојалност кон ТФТ реши да остане и да помогне за време на Купот на Македонија и сите сме му благодарни за сето она што го има направено за нашата екипа“, истакна Смилковски.

Се вчитува...