Маркос Љоренте го фрли европскиот првак на колена: Ливерпул елиминиран од Атлетико Мадрид

Европскиот првак Ливерпул ја заврши одбраната на титулата во осминафиналето од Лигата на шампионите. Тимот на Јирген Клоп по продолженија доживеа елиминација од Атлетико Мадрид иако на почетокот на продолжението имаше добитна комбинација од 2-0. Но, неполн половина час подоцна, Атлетико Мадрид славеше со 2-3. „Крвник“ на англискиот тим беше Маркос Љоренте кој постигна два гола, а триумфот го донесе Алваро Мората во самиот финиш. Атлетико Мадрид првиот меч на „Ванда Метрополитано“ го доби со минимален резултат, 1-0. Ова е прва елиминација во европски нокаут – дуел за Ливерпул откако го предводи Јирген Клоп.

Тимот на Јирген Клоп имаше доминација во регуларниот тек од натпреварот, се редеа шанси пред голот на Јан Облак, а единствениот погодок го постигна Џорџинио Вајналдум во 43.минута. Тој со одличен шут со глава ја затресе мрежата на шпанскиот тим. Но, Атлетико Мадрид не се предаде и успеа да стигне до продолженија.

На самиот почеток од дополнителните 2 х 15 минути, Роберто Фирмино погоди за 2-0 во 94.минута. Фановите славеа и не ни помислуваа што може да се случи до крајот. Но, Атлетико Мадрид се издигна како феникс.

Маркос Љоренте ја искористи грешката на Адријан и постигна гол за 2-1 во 97.минута, а потоа и уште еден со удар од дваесетина метри во 105.минута. На крајот, во 120.минута, Алваро Мората стрелаше дури и за триумф на Атлетико Мадрид на „Енфилд Роуд“.

Се вчитува...