Марковиќ ќе се грижи за безбедноста на мечот меѓу Партизан и Ница, Ставрев ќе суди во Летонија

Речиси ниту едно коло во европските фудбалски купови не може да мине без македонските претставници во УЕФА.

Во второто коло од групната фаза во Конференциската лига најтешко сигурно ќе му биде на комесарот за безбедност и интегритет во ФФМ, Роберт Марковиќ кој ќе се грижи за безбедноста на мечот во Белград меѓу Партизан и францускиот клуб Ница што ќе се одигра на 15. септември. Овој натпревар УЕФА го прогласи за висок ризик по оној тежок инцидент меѓу Ница и Келн пред седум дена кога дојде до голема тепачка на трибините меѓу навивачите на двата клуба, поради што мечот доцнеше повеќе од еден час. УЕФА стравува од нови инциденти со оглед дека и навивачите на Партизан, популарните „Гробари“, се познати по своето дивеење на трибините.

Роберт Марковиќ пред седум дена се грижеше и за безбедноста на средбата од Конференциската лига меѓу Словачко и Партизан кој заврши без победник 3-3.

Во ова коло ќе суди и нашиот најдобар интернационален судија Александар Ставрев. Во Рига во Летонија ќе ја дели правдата на натпреварот меѓу ЕФС и Хартс од Шкотска исто така во второто коло во Конференциската лига на 15. септември. Ќе му помагаат Дејан Костадинов и Гоце Петрески, четврти судија ќе биде Јован Качевски.

Ставрев по вторпат ќе суди во Рига бидејќи на 27. јуни 2006 година за првпат судеше на еден клупски меч од европските купови, започнувајќи ја успешната судиска кариера. Тоа беше на средбата меѓу Сконто Рига и Женес од Луксембург (3-0). Му помагаа Марјан Кировски и Љубомир Крстевски, четврти судија беше, во тоа време нашиот најдобар судија Емил Божиновски, кој таа сезона се збогуваше, поради старосната граница од активното судење.

Еден вистински куриозитет поврзан и со Емил Божиновски. На 7. септември тој беше контролор на мечот меѓу  Барселона и Викторија Плзен од Чешка во првото коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Меѓутоа, на молба од Судиската комисија на УЕФА, истиот ден во 14 часот го контролираше и судењето на средбата меѓу истите тие две екипи во Лигата на шампионите на млади екипи, бидејќи делегираниот контролор не можеше на време да пристигне во Барселона.

Ќе патува и Васко Дојчиновски, кој од страна на УЕФА е одреден да биде делегат во Лигата на шампионите за млади екипи во Шведска меѓу АИК и Расинг од Луксембург што се игра на 15. септември во градот Солна.

/М.М/.

Се вчитува...