Масев: Имаме федерација која секојдневно се грижи за развојот на македонскиот фудбал

Македонската фудбалска репрезентација сосема очекувано го доби признанието за најдобар национален тим на годината на синоќешниот избор на најдобрите за 2020 година организиран од Агенцијата за млади и спорт. Вечерта на мак-фудбалот го заокружија и наградите за Горан Пандев, Игор Ангеловски и Фудбалската федерација на Македонија како најдобра спортска федерација во изминатава година.

„Велат ‘тивката вода, брег рони’… Тој начин на работа ни донесе пласман на Европско првенство и враќање на довербата во македонскиот фудбал. Голема е честа што ќе имаме огромна улога во промовирањето на надворешниот имиџ не само на нашиот фудбал, туку и на нашата земја. Тоа исто така е обврска и голема одговорност. Заедно со фудбалерите ќе дадеме се од себе одново да ја израдуваме јавноста“ – истакна во името на сите од фудбалската селекција, директорот на А-репрезентацијата, Дени Масев.

Масев го потенцираше значењето на успехот на фудбалерите за тој успех, но и на ФФМ и првиот човек Муамед Сејдини…

„За нашиот успех се заслужни фудбалерите, но и Фудбалската федерација на Македонија и претседателот Муамед Сејдини кој го регенерираше крвотокот на македонскиот фудбал. Тој пат мора да се продолжи. Имаме федерација која секојдневно се грижи за развој на македонскиот фудбал, а немаше да го постигнеме и без посветена работа на поединците во телата и органите во федерацијата, а секако тоа се однесува и на сите клубови“ – рече директорот на македонската репрезентација.

Се вчитува...