Матија Биното на крајот на годината го напушта Ферари

Матија Биното повеќе не е прв човек во Ферари, потврдија од Формула 1 тимот. Италијанецот ќе ја напушти таа позиција до крајот на 2022 година. Иако од Скудерија пред само десет дена ја демантираа веста дека Биното си заминува, сега веќе нема сомнеж дека тој заминува од Ферари.

Биното беше често напаѓан во текот на оваа сезона, поради неколку катастрофални грешки на тимот што го чинеа Шарл Леклер можеби посериозна борба за титулата светски шампион со Макс Ферстапен. Ферари ја чека титулата од 2007 година, кога на тронот заврши Кими Раиконен.

Тој е на чело на Ферари од 2019 година, во чии редови пристигна во 1995 година, за да напредува во хиерархијата во текот на годините. Пред сегашната функција тој две години беше технички директор на италијанскиот тим.

Како прва опција за негова замена се споменува Фредерик Васер. Васер моментално е првиот човек на Заубер, кој се натпреварува како Алфа Ромео, и на таа позиција се наоѓа повеќе од пет години. Тој претходно беше тимски шеф на Рено.

Се вчитува...