Матијашевиќ со проверени сили во Сребрената лига

Проверени сили и повторно шанса за помладите одбојкари, со еден збор, селекторот Никола Матијашевиќ направи стандарден избор на кандидати за репрезентацијата за претстојниот настап во Европската сребрена лига на ЦЕВ. Подготовките ќе почнат на 3.мај – понеделник, целосно ќе се одвиваат во Струмица, а на нив повикани се 20-мина играчи, покрај оние кои што го носеа црвено-жолтиот дрес на јануарските квалификации за ЕП 2021, во конкуренција сега ќе бидат уште шестмина.

Македонските одбојкари се во групата „А“ со Данска, со Израел и со Кирар, а во групата „Б“ се првиот победник во натпреварувањето – Хрватска, која триумфираше на завршниот турнир во „Кале“ во Скопје во 2018, потоа Луксембург, Унгарија и Австрија. Севкупно, откако ЦЕВ ја формираше Европската лига во 2014, нашата репрезентација учествуваше петпати едноподруго и освои три сребрени (2015, 2016 и 2017) и еден бронзен медал (2014). Во 2018 завршивме четврти, во 2019 не бевме дел од оваа конкуренција, а лани немаше натпревари поради пандемијата. Оттука, овој пат целта е да се освои првото злато во Европската (сребрена) лига, а тоа да биде вовед кон нов успешен резултат на континенталните самити. Шансите за тоа се зголемени затоа што македонските одбојкари сигурно ќе играат на завршниот турнир за титулата со оглед дека ОФМ ја доби довербата за организација на полуфиналните и на средбите за медал, а исто така, кај нас ќе биде одржан и првиот турнир од групната фаза. Во периодот од 21-23 мај во салата „Парк“ ќе гостуваат Израелците, Кипарците и Данците, кои се домаќини на вториот турнир од 28-30 мај во Шлагелсе. Најдобрите четири екипи во натпреварувањето ќе се надмудруваат за медалите на турнирот во Струмица на 5-ти и на 6-ти јуни.

Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев

Коректори: Никола Ѓорѓиев, Стефан Алексов, Стојче Арсов, Иван Андонов (коректор / блокер)

Примачи: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ

Блокери: Ристо Николов, Филип Маџунков, Славе Наков, Филип Савовски, Филип Лепидовски

Либера: Васе Михаилов, Дарко Ангеловски, Филип Николовски, Костадин Ричлиев

Резерви: Марко Јуниор Стошиќ и Давид Стојанов (техничари), Тино Шулајковски и Михајло Мирасчиев (блокери)

Се вчитува...