Матлиески: Местото на Пролет е во ракометниот плејоф

По пауза од повеќе од два месеци утре и официјално продолжува натпреварувањето во ракометната Супер-лига. До крајот треба да се доиграат уште четири кола, по што најдобрите четири екипи ќе се пласираат во плејофот, каде ќе им се приклучат Вардар и Металург. Пролет лани обезбеди и учество во европските купови, па разбирливо е зошто амбициите на овој клуб се повторно да се биде дел од најдобрите шест тима во Македонија.

„Добро ја завршивме ланската година, да продолжиме во ист стил и во 2019. Одиме чекор по чекор, но се наоѓаме во подобра ситуација во однос на ривалите и верувам дека ќе стигнеме до зацртаната цел – место во плејофот каде што Пролет реално и припаѓа“ – вели тренерот Никола Матлиески.

Прв предизвик за Пролет е гостувањето против Вардар јуниор (сабота, 12.30 часот).

„Добро го познаваме противникот кој никако не смее да биде потценет. Искуството дефинитивно е на наша страна, но ова ќе биде прв натпревар по повеќе од два месеци пауза за нашиот тим, ќе мораме да бидеме внимателни, да дадеме се од себе бидејќи само на тој начин може да се стигне до посакуваниот триумф“ – предупредува Матлиески.

Се вчитува...