Матлиески: Мулти Есенс е тим со бројни таленти, им помагаме со преминот од младински во сениорски ракомет

Никола Матлиески во минатите сезони се докажа како врвен стратег за развој на млади и перспективни ракометари, па овој стратег летово се реши за нов сличен предизвик потпишувајќи договор со Мулти Есенс.

Вториот тим на Алкалоид им дава шанса на младите талентирани играчи да се здобијат со посакуваното суперлигашко искуство, а Матлиески верува во својот млад тим во пресрет на предизвиците што го очекуваат во елитното друштво.

„РК Мулти Есенс е развоен тим составен од талентирани македонски ракометари кои во најголем дел минале и низ младинскиот систем или се неизоставен дел од младинските репрезентации. РК Мулти Есенс го претставува мостот преку кои ракометарите ќе преминуваат една во друга категорија, заклучно со најважниот, преминот од младински во сениорски ракометари. Сите овие фази се многу чувствителни, затоа што најчесто во овие премини ги губиме играчите“, истакнува стратегот на Мулти Есенс.

Негова цел ќе биде да го следи она на што инсистира Кире Лазаров во Алкалоид, експлозивна игра со што побрзо завршување на акциите.

“Не само што нема да отстапиме од стилот на брзата игра, туку ќе настојувам да го подобриме и да внесам и мои идеи. Првенствено сакам да ги подобрам индивидуалните карактеристики на ракометарите. Брзо размислување и брзо дејствување. Да ги развијам нивните способности да се снаоѓаат во различни ситуации, брзо да носат решенија и да размислуваат и на повеќе решенија во дадена ситуација. Ние за секој противник се подготвуваме во еден мини циклус на тренинзи, анализираме, бараме солуции. Тоа и за мене лично ќе биде предизвик и можност да надградба затоа што сакам да истражувам, да следам трендови што ги поставуваат врвните екипи и да експериментирам. Ракометарите се желни за игра, сакаат да напреднат, да научат. Зад нас е сериозна компанија која ни овозможува одлични услови за работа и можам да повлечам дека сум среќен што сум дел од овој проект“, вели Матлиески.

Се вчитува...