Матлиески: Пролет ќе атакува на излез во ракометна Европа

Пролет беше еден од најпогодените клубови од коронавирусот во првиот дел од сезонава, но скопскиот суперлигаш ги надмина проблемите и рутински обезбеди пласман во плејофот, освојувајќи го второто место во својата група. Тренерот Никола Матлиески е задоволен од прикажаното во досегашниот дел од сезоната, но истовремено и најавува уште подобри изданија на својот тим во плејофот.

Тој не крие дека желба на сите во клубот е по неколку години пауза Пролет да се врати во европските купови.

Ние имаме добар почеток на 2020 година, врзавме четири победи, изборивме трето место во пресрет на плејофот. Тинекс Пролет тогаш беше во еден налет, со желба да стигне до пласман во Европа, но за жал бевме стопирани од коронавирусот, кој придонесе сезоната предвреме да заврши. На почетокот од оваа сезона го задржавме тој ритам на игри, составивме квалитетен тим, играме добар ракомет, но повторно бевме „ранети“ од вирусот, имавме цел месец без тренажен процес. Потоа тоа се одрази врз играчите, врз мене како тренер, ни беше потешко, но успеавме да ја оствариме онаа прва цел – пласман во плејофот. Се надевам дека во 2021 ќе ја оствариме и втората голема желба, да се пласираме во европските купови. Toa ќе биде награда за управата и за спонзорот кој со години овозможува стабилност, сега сакаме да направиме чекор напред во пласманот, откако почнавме се почесто да даваме и играчи во репрезентативниот список“, вели Матлиески во разговор за официјалната веб-страница на Пролет.

Матлиески го пофали новиот систем на натпреварување, кој ја исполни примарната цел – да се игра ракомет во Македонија.

„Нималку не беше лесно, особено ако се знае дека не се знаеше ни дали воопшто ќе постојат услови за да се игра ракомет. Од сегашна перспектива, сметам дека федерацијата го направи вистинскиот потег, лигата се прошири, бевме поделени во две групи, одигравме доволно натпревари за да влеземе во ритам и да се игра ракомет на терените ширум Македонија. Сигурно ќе биде крајно интересно во вториот дел во сезоната, како во плејофот, така и во борбата за опстанок“.

Првата цел е исполнета, но сега следи потешкиот дел од задачата – атак на едно од првите четири места во плејофот кои водат во ракометна Европа наредната сезона.

„Јас сум оптимист, верувам во мојата екипа, дека можеме да го оствариме тој успех – пласман во европските купови за новата сезона. Знаеме дека тоа се амбициите на управата, на спонзорот, имаме квалитетен тим, добро работиме и верувам дека ќе успееме да го оствариме посакуваниот резултат. Има многу претенденти во оваа борба, сите натпревари ќе бидат максимално израмнети, но верувам во нашиот квалитет. Искрено се надевам и дека хаосот со коронавирусот конечно ќе заврши, за да можеме клучниот дел од сезоната да го играме како што прилега, со публика на трибините“, оптимистички е расположен Никола Матлиески.

Се вчитува...