Мбапе: До лани дриблав деца во младински фудбал, а сега…

Монако приреди вистинска сензација со освојувањето на титулата во француското првенство, со што „кнезовите“ ја прекинаа доминацијата на екипата на ПСЖ која претходно четири години по ред го освојуваше трофејот. Еден од најзаслужните сигурно е Килијан Мбапе, извонредниот фудбалер кој сезонава блесна на светската сцена. Мбапе го постигна и првиот гол на синоќешниот меч со Сент Етјен, уште еднаш потврдувајќи го неверојатниот раст за само една година, со оглед на фактот дека лани настапуваше за младинската екипа на „кнезовите“.

Само кога ќе се сетам дека до лани настапував само против младинци. Игравме натпревар во Гамбардела и бев фантастичен, но мајка ми веднаш ме спушти на земја, посочувајќи ми да не заборавам дека сепак играм со деца. Само одговорив дека истото ќе им го правам и на возрасните противници, еве мина само една година, а се случува токму тоа. Не сакам да звучам премногу самоуверено, едноставно само си поставувам високи цели за да можам повеќе и повеќе да напредувам“ – изјави Мбапе.

Тој не го криеше и задоволството по огромната титула, за која посочи дека ќе биде само мотив повеќе за уште понапорна работа во иднина.

Секако дека сум среќен, сите сме пресреќни бидејќи сонувавме за вакво нешто од самиот почеток на сезоната, а сега тој сон ни се оствари. Сега ќе славиме, а кога еуфоријата ќе стивне повторно ќе се фатиме за работа, бидејќи фудбалот е вечен предизвик“ – истакнува новата ѕвезда на светскиот фудбал.

Мбапе претходно најави дека за својата иднина ќе размислува по завршувањето на сезонава, па останува дилемата дали тој ќе остане во Монако или ќе се пресели во некој од европските гиганти кои се заинтересирани за неговите услуги, па дури и подготвени да платат 100 милиони евра за да го доведат во своите редови.

Се вчитува...