Мбапе испиша историја, Франција е во осминафиналето

Франција е најновата селекција што обезбеди пласман во осминафиналето од СП 2018 откако „триколорите“ денеска стигнаа до нова минимална победа, овојпат од 1-0 против селекцијата на Перу. Килијан Мбапе беше човекот на одлука, постигнувајќи го победничкиот погодок за испишување на историја, како најмлад стрелец (19 години и шест месеци) за „триколорите“ на големите натпреварувања.

Перуанците се обидоа со пресинг да ги исфрлат од ритам „триколорите“, успевајќи во тоа во првите десетина минути, но потоа избраниците на Дешамп почнаа да го контролираат темпото. Антоан Гризман ја имаше првата шанса на натпреварот во 11. минута, но францускиот напаѓач од добра позиција од десетина метри откосо биеше многу непрецизно. Во 28. минута својата прва стопроцентна шанса ја имаше и Перу, Гереро одлично се ослободи од Умтити, но потоа од одлична ситуација не успеа да го совлада Љорис. Казната стигна три минути подоцна, шутот на Жиру беше блокиран, но топката мина над перуанскиот голман, па Мбапе немаше проблеми од два метри да ја смести во мрежата.

Второто полувреме мина во далеку поголема доминација на перуанскиот состав, во чии редови во 46. минута влезе и Фарфан. Најубавата шанса ја имаше Акино, кој во 50. минута го затресе само дирекот од голот на противникот. Французите одиграа далеку под своите можности во овој дел, па Дешамп на петнаесетина минути до рајот ги уфрли Дембеле и Фекир за да се обиде да се задржи топката на средината на теренот, наместо да му се отстапува на противникот.

Темпото во финишот опадна, а „триколорите“ успеаја да ја задржат предноста до самиот крај, за конечни 1-0 и пласман во осминафиналето.

Се вчитува...