Мбапе, по сензацијата на Лион, испрати честитка со поздрав за „селската лига“

Лион, седмопласираниот тим од француското првенство, со победа од 3-1 во четвртфиналето го исфрли од Лигата на шампионите тимот на Манчестер сити, еден од најдобрите и најбогатите клубови на светот кој го води Пеп Гвардиола.

Па, со оваа сензација на Лион, за првпат во историјата на Купот на шампионите и Лигата на шампионите во полуфиналето се два француски клуба. Французите, сосема заслужно, гордо и пркосно го слават историскиот успех затоа што нивното првенство е најмалку атрактивно од најсилните европски лиги. Со исклучок на ПСЖ, кој повеќе е катарски отколку француски клуб, во Франција не играат најголемите ѕвезди на светскиот фудбал. Затоа и многумина од елитните европски првенства ја нарекуваат „селска лига“.

Токму тоа го инспирираше напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе на Твитер да го честита успехот на Лион со коментар – „селска лига“ и лице на кловн.

 

Лион, исто така, на својот официјален Твитер профил прослави на сличен начин. „Тука нема селјаци“ – напиша со фотографија на своите фудбалери кои слават по победата над фаворизираниот Манчестер сити.

Се вчитува...