Мечкаровски во Андора се збогува од интернационалната сцена

Еден од нашите најдобри фудбалски судии, интернационалецот Димитар Мечкаровски на 17. ноември за последен пат ќе суди на меѓународната сцена. Мечот од натпреварите во Лигата на нации меѓу Андора и Летонија ќе биде негов проштален откако ја исполни старосната граница од 45 години.

На овој натпревар ќе му помагаат Никола Караколев и Куштрим Лика, четврти судија ќе биде Константин Влахо. Интересно е дека од исти причини во Андора за последен пат и Никола Караколев ќе биде со „своето знаменце“ покрај аут-линијата.

Во својата досегашна повеќе од успешна судиска кариера Мечкаровски како главен судија судел на 58 меѓународни натпревари. За првпат во 2008 година беше главен судија на средбата Португалија-Кипар, млади до 17 години, прв меч на најдобрите сениорски репрезентации му бил меѓу Шанија и Перу.

Пред една недела Мечкароски, со истите помошници, но без  Влахо, го судеше пријателскиот меч во Подгорица меѓу Црна Гора и Казахстан (0-0).

Оваа недела како контролор од страна на УЕФА ќе биде ангажиран и нашиот поранешен меѓународен судија, претседател на Судискиот одбор на ФФМ Емил Божиновски, кој на 17. ноември ќе го контролира судењето на мечот меѓу Франција и Шведска во Париз во Лигата на нации. Колку се добро оценети неговите контроли од страна на судиската комисија на УЕФА најдобро говори и овој податок. За неполн месец, Божиновски покрај на средбата во Париз, беше контролор и на мечевите меѓу Атлетико Мадрид – Салцбург во Лигата на шампионите и на  Лудогорец –Тотенхем во Лига на Европа.

И поранешниот претседател на Натпреварувачката комисија на ФФМ, Васко Дојчиновски, кој пред три дена беше делегат во Приштина на средбата меѓу младите репрезентации, играчи до 21 година во квалификациите за Европското првенство меѓу Косово и Албанија (0-0).

М.М.

Се вчитува...