Рускиот тенисер Данил Медведев најави дека ќе се бори во Мајами за враќање на првото место на АТП листата. Медведев загуби во третото коло на Индијан Велс од Гаел Монфис, па од следниот понеделник ќе му го предаде првото место на АТП листата на Новак Ѓоковиќ.
Рускиот тенисер може да се врати на врвот на АТП листата доколку се пласира во полуфиналето на Мастерсот во Мајами, во кој Србинот нема да учествува.
„Дали е подобро да се биде на прво место барем една недела или воопшто не? Според мене, првата опција е подобра. Секако дека би сакал да останам долго на таа позиција, да освојувам гранслем-турнири. Но, никогаш не знаете како ќе изгледа вашата кариера. Ќе продолжам да давам се од себе на тренинзите, на натпреварите. Мојата цел е да освојам што повеќе турнири и да бидам број еден долго време. Дефинитивно е неверојатно што дури и дојдов прв“, изјави Медведев.
Медведев одогвори и дали чувствува дополнителен притисок затоа што е прв рекет во светот.
„Мислев дека првото место ќе ме мотивира повеќе, но не го одиграв мојот најдобар натпревар. Секогаш велам, кога го играм мојот најдобар тенис, тешко е да ме победиш. Но, не ми е лесно секогаш да бидам на тоа ниво. Затоа тоа што го направија Надал, Ѓоковиќ и Федерер е неверојатно, тие секогаш победуваа без разлика на условите и подлогата за игра. Ќе се обидам да бидам подобар“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА