Медведев: Се чувствував како риба на суво

Рускиот тенисер Данил Медведев загуби од Хуркач со 7-6, 6-4 во четвртфиналето на Мастерсот во Мајами и со тоа ја пропушти можноста повторно да го преземе првото место на АТП листата од Новак Ѓоковиќ.

Медведев по мечот изјави дека не почувствувал дополнителен притисок на мечот против Хуберт Хурках, но истакнува дека физички не бил добро.

„Поважно ми беше да победам, а не да станам првиот тенисер во светот. Тоа би било бонус. Да бидам искрен, одиграв многу натпревари под притисок, така што сега не ми беше ништо ново. Мислам дека не загубив затоа што бев нервозен“, изјави Данил.

Русинот се бореше со вртоглавица и замор во текот на мечот.

„Не се чувствував најдобро, но тоа се случува. Не знам која е причината, можеби е топлината. Имав грчеви во соблекувалната, не ми беше лесно физички. Бев уморен и имав вртоглавица, дополнително чувствував грчеви, грчеви и само грчеви. Бев како риба на суво. Но, тоа е и дел од спортот. Кога ќе се разбудам, веројатно ќе бидам добро, но сега сум разочаран бидејќи загубив“, изјави Данил.

Медведев нема да брани многу бодови на земјена подлога, па повторно ќе има можност да стигне до врвот на АТП листата.

„Сега одам дома да се одморам и да се подготвам за следните турнири. Овој месец никому не му беше лесен. Се трудев да тренирам колку што можам повеќе, бидејќи тоа е моја работа. Задоволен сум и од она што го прикажав овде. Јас сум на вистинскиот пат“, заклучи Русинот.

Се вчитува...