Мегапонуда од Кина: Гвангжу Евергранде дава 7 милиони евра за Горан Пандев

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев има мегапонуда да се пресели на Далечниот Исток. Еден од најдобрите кинески клубови, Гвангжу Евергранде, сака да го види Пандев во својот тим за новата сезона. Веќе е испратена понуда вредна 7 милиони евра за двегодишен договор.

Тренер на Гвангжу Евергранде е Италијанецот Фабио Канаваро. Поранешниот капитен на „аѕурите“ новото засилување во нападот го бара во Серија А, и Горан Пандев е една од неговите најголеми желби. Македонскиот ас има договор со Џенова до крајот на сезоната, и се зависи од неговите планови околу продолжувањето на кариерата. Има отворена понуда и да остане во клубот како дел од раководството.

Но, мегапонудата од Кина секако е мошне примамлива. Пандев речиси целата своја кариера по заминувањето од Беласица ја градеше во Италија. Имаше куса епизода во турскиот клуб Галатасарај, а евентуалното заминување во Гвангжу Евергранде би било и дефинитивно одличен крај на неговиот богат фудбалски опус.

Главни ѕвезди во Гвангжу Евергранде во моментот се Бразилците Паулињо и Алан, како и капитенот на кинеската фудбалска репрезентација, Женг Жи. Минатата сезона овој тим го заврши на втората позиција на табелата, зад шампионот Шангај СИПГ.

Се вчитува...