Мегленски: Немаме опрема и доктор, а ме менуваат луѓе кои не дошле на стадион

Тони Мегленски од денеска повеќе не е тренер на Победа, но стратегот на прилепчани тврди дека воопшто не е известен за одлуката на Управниот Одбор за негова смена. Тој потенцираше дека остана на клупата на овој клуб само поради инсистирањето на играчите, но и посочи дел од проблемите со кои се соочува клубот, кои дефинитивно мораат да се решат без разлика кој ќе биде тренер.

„Управниот одбор не ме извести за одлуката, но не сум изненаден, бидејќи јас не ни знам кои луѓе се членови на тој Управен одбор, бидејќи никој од нив не дошол на натпревар на Победа цела полусезона. Моето заминување е најмал проблем. Јас пред два месеци се повлеков, но на инсистирање на фудбалерите ја довршив есенската полусезона. Јас никогаш не сум ги изневерил фудбалерите и никогаш нема тоа да го направам. Пред нив сум чесен и професионален. Што се однесува до екипата и играчкиот кадар, убеден сум дека со оваа екипа, резултатот е максимум. Ние сме клуб кој нема опрема, кој на гостувања патува без доктор и физиотерапевт и многу работи недостасуваат за да бидеме тоа што Победа заслужува да биде“ – изјави Мегленски.

На потег се прилепчани, да се обезбеди побогат буџет со кој би се составил поквалитетен тим за опстанок во Втората лига.

Се вчитува...