Едно од најголемите имиња кои ќе го пропуштат првенството е дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер.
Селекторот на Англија, Томас Тухел денеска официјално треба да го соопшти списокот за Светското првенство 2026, но во англиските медиуми веќе протекоа информации дека таму нема место за неколку огромни ѕвезди на тимот, како Александар-Арнолд, Палмер, Фоден…, но и Хари Мегваер.
За 33-годишниот ветеран со 67 настапи, одлуката веројатно го означува крајот на неговата репрезентативна кариера, што не беше сосема неочекувано со оглед на тоа што Тухел го рангираше како шести избор за дефанзивец во март.
Мегваер ја потврди веста на својот Инстаграм профил…
„Бев уверен дека можам да играм важна улога ова лето за мојата земја по сезоната што ја имав. Одлуката ме шокираше и разочара. Им посакувам на играчите се најдобро“ – напиша Мегваер.
Конечниот список официјално ќе биде објавен денеска преку новата апликација на Англиската фудбалска асоцијација, а ќе го презентираат поранешните репрезентативци Даниел Стариџ и Тео Волкот. Селекторот Тухел ќе ги објасни своите одлуки подетално на 1 јуни.
Потоа националниот тим патува во САД, прво на камп во Флорида, а потоа во Канзас Сити за да се подготви за групната фаза.
Англија го отвора Светското првенство со натпревар против Хрватска на 17 јуни, а во групата ќе игра и против Гана и Панама.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
