Мекиќ: Шпанците казнуваат се, затоа не смееме да имаме падови на натпреварот

ЕКИПА во Сарагоса,

Стеван Цаневски

Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе ја има улогата на аутсајдер на мечот со Шпанија, но кај избраниците на Драган Бајиќ не недостига мотивација за добро издание на теренот на актуелниот европски шампион.

Фактот дека Шпанија и овој натпревар ќе го игра со својот „втор тим“ не го намалува квалитетот на противникот, кој во сличен соств рутински славеше во Скопје и моментно заслужено се наоѓа на првото место во групата.

„Шпанија е навистина сериозна селекција, без разлика со кој состав ќе се појави на теренот. Тимската игра е она што ги краси Шпанците, тие имаат систем по кој се препознатливи и опасни без оглед на имињата на играчите на кои смета селекторот Скариоло. Брзата игра и цврстината, силниот контакт во дуелите, е нешто што е главна одлика на шпанската селекција“, вели Адем Мекиќ, еден од кошаркарите на шампионот МЗТ Скопје во таборот на македонскиот национален тим.

Тој се осврна и на првиот дуел во Скопје меѓу двете селекции, на кој „црвената фурија“ триумфираше со убедливи 65-94.

„Искрено, бевме задоволни од енергијата со која излеговме на терен и карактерот што го покажавме во големи делови од тој натпревар. Сепак, против себе имавме голема репрезентација способна да ја казни секоја наша грешка и дозволивме во финишот да стигнат и до преубедлива победа. Она кон што треба да се стремиме утре е да одиграме квалитетно, но да не дозволиме падови во текот на целиот меч бидејќи ривалот ќе знае како да го искористи тоа доколку ни се случи“, истакнува Мекиќ.

Се вчитува...