Мемфис за историја – „газење“ на Оклахома за најубедлив триумф на сите времиња во НБА-лигата

Кошаркарите на Мемфис испишаа историја на НБА-лигата, декласирајќи го составот на Оклахома Сити тандер ссо неверојатни 152-79, за најубедлива победа на сите времиња во најсилната кошаркарска лига во светот.

„Гризлите“ на полувреме имаа двојно повеќе поени од своите противници (72-36), продолжувајќи во ист ритам и во преостанатите 24 минути, Мемфис ја доби третата четвртина со 41-26, потоа во четвртата славеше со уште поубедливи 39-17, за историски триумф со „плус 73 поени“.

Со ова, кошаркарите на Мемфис го урнаа рекордот на Кливленд кавалирс, тим што во 1992 година го совлада Мајами со 68 поени разлика (148-80). Следни на листата најубедливи победи се Индијана со триумфот од 124-59 над Портланд во 1998 година,ЛА Лејкерс со триумфот над Голден Стејт од 162-99 во 1972 година и Голден Стејт вориорс со триумфот од 153-91 над Сакраменто забележан во 1992 година.

Феникс ја продолжи серијата извонредни настапи славејќи над Детроит со 114-103, седумнаесетта победа во низа на „сонцата“. Џонсон и Пејн со по 19 поени ги предводеа стрелците во победничкиот тим, додека Грант реализираше 34 поени за гостинската екипа.

Резултати НБА: 

Њујорк – Чикаго 115-119, Торонто – Милвоки 97-93, Мемфис – Оклахома 152-79, Феникс – Детроит 114-103, Портланд – Сан Антонио 83-114.

Се вчитува...