Меси: Барса е мојата љубов, овој клуб ми даде се во животот

Лионел Меси ја потенцираше својата љубов кон Барселона во интервју за телевизијата „Ла Секста“, порачувајќи дека никогаш нема да го заборави она што каталонскиот гигант го има направено за него.

Аргентинскиот генијалец во ова мега-интервју говореше на најразлични теми, но јасно стави до знаење дека неговото барање за трансфер минатото лето не значел и крај на љубовта кон Барселона.

„Чувствував дека е време да си заминам, дека е најдобро за сите. Цела година му велев на Бартомеу дека сакам да си одам, тој ми велеше дека не може. Испратив барање за трансфер за сите да знаат што се случува. Патев, имав проблеми, но сега сето тоа е минато, сакам само да играм, да помогнам да победуваме. Како што имам речено неколку пати во минатото, Барса е мојот живот, мојата љубов, овде сум уште од 13-годишна возраст. Во Барселона живеам подолго отколку дома во Аргентина. Научив се што можеше  се научи, овој клуб ми даде се во животот, ме направи голем играч, но и добра личност“, истакна Меси.

Аргентинецот веќе од 1 јануари може да преговара и да потпише преддоговор со нов клуб, но големи се шансите тој да ги почека претседателските избори закажани за 19 јануари пред да ја донесе конечната одлука за иднината. Меси е убедливо најплатен фудбалер во светот, а голема пречка за потпишување на нов договор се финансиските проблеми со кои се соочува каталонскиот гигант.

„Знам дека ова се тешки времиња за клубот. Од она што го знаеме, ситуацијата во Барселона е многу, многу лоша. Ќе биде многу тешко клубот да се врати онаму каде што се наоѓаше“, откри Лео Меси.

Тој се осврна и на заминувањето на неговиот добар пријател, Луис Суарез, во текот на летото.

„Мојата одлука немаше никаква врска со иднината на Суарез, решив да побарам трансфер уште пред да се случи она што се случи со Луис. Сепак, мора да признаете дека тој трансфер е вистинско лудило, пуштате одличен голгетер кај директен ривал за титула, притоа не земате никаква отштета, па згора на тоа и му ја исплаќате платата за една година“, критикува асот на Барса.

Се вчитува...