Лионел Меси во интервју за телевизијата „Ла Секста“ говореше на најразлични теми, а најдобриот фудбалер на денешницата откри и кои се двајцата најдобри стратези со кои има соработувано во кариерата.
Меси играше за десетина тренери носејќи го дресот на Барселона, но како најдобри од сите ги издвои актуелниот селектор на Шпанија, Луис Енрике, како и стратегот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола.
„Пеп Гвардиола и Луис Енрике, тие се двајцата најдобри. Имав огромна среќа, да минам време под нивно водство, да ми помогнат да напредувам во фудбалот, да се здобијам со фудбалска мудрост. Гвардиола е навистина посебен, гледа работи на теренот што никој друг не ги гледа. Го подготвува тимот како да се брани, но и точно каде да го нападне противникот“, истакна Меси.
Аргентинецот ужива во славата, но вели дека му недостига барем малку мир за да може да води нормален живот.
„Јасно ми е дека сум привилегиран на прекрасен живот, но има моменти кога сакам да сум анонимен. Ништо посебно, да отидам во кино или во супермаркет со семејството, да се прошетам слободно со децата. Тоа, за жал, не е возможно за мене“, вели суперѕвездата на Барса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА