Меси и Манчестер Сити, потпис во јануари

Желбата на Лионел Меси за трансфер во Манчестер Сити во летниот преоден рок не се исполни, но „граѓаните“ се подготвени да тргнат во офанзива за веќе на почетокот од 2021 година да го осигураат потписот на најдобриот фудбалер на денешницата. Меси има договор до 30 јуни 2021 година, па според правилата на ФИФА тој веќе од 1 јануари ќе може да преговара со други клубови за летен трансфер, па дури и да потпише преддоговор за преселба на крајот од сезонава.

Англискиот гигант е финансиски моќен да ги задоволи барањата на Аргентинецот за плата од 40 милиони евра годишно плус бонуси, а воедно со доведувањето на Меси челниците на Сити би го осигурале и останувањето на Пеп Гвардиола на кормилото на клубот.

„Меси е неверојатен талент, некој што веднаш ќе остави силен печат врз клубот, со игрите на теренот, но и со функционирањето надвор од него. Тој е најдобар во светот и доколку навистина си замине од Барса, ние ќе ја разгледаме можноста за негов ангажман“, изјави Омар Берада, директорот за финансиски операции на Манчестер Сити.

Во прилог на „граѓаните“ оди и неизвесноста околу тоа кој ќе раководи со Барселона. Тешко е да се поверува дека до крајот на годинава ќе бидат организирани изборите за наследник на Бартомеу, со самото тоа ќе се остави простор за маневар и директни преговори со Меси додека Барса ќе нема задолжено лице за да преговара за останување на Аргентинецот. Весникот „Телеграф“ најавува и дека Сити ќе испрати понуда до Барселона за уште во јануари да го доведе аргентинскиот генијалец, за отштета не повисока од 50 милиони евра.

„Граѓаните“ се убедени дека доколку постигнат договор со Меси, потоа ќе ги убедат и каталонците на ваков „дил“, да прифатат трансфер во јануари за да не го загубат големиот ас без никаква отштета на крајот од сезоната.

Се вчитува...