Меси ја доби војната, дали сега ќе остане во Барса?

Хозеп Бартомеу поднесува оставка од претседателската функција во Барселона, за неславен крај на раководењето на Бартомеу со каталонскиот гигант, ера што ќе остане запаметена по неверојатниот конфликт со Лионел Меси.

Аргентинскиот генијалец не криеше дека е разочаран од кроењето на клупската политика во последните години и побара да си замине, но тоа не му беше дозволено од клупската управа. Бартомеу ја доби битката, но не и војната, згреши со изборот на Куман за нов тренер, со неможноста да доведе адекватни замени за играчите што си заминаа, но најмногу од се – што не најде начин да ја смири топката со Аргентинецот. Токму Меси го предводеше бунтот на оние кои одбиваа да им се намали платата во период во кој беа трошени милиони на нови засилувања, со што им даде ветер во грб на оние кои иницираа промени во Барселона.

Ерата на Бартомеу заврши со пораз, како последен ќе му биде запишан оној на „Ел Класико“ од Реал Мадрид. Лео Меси ја доби војната со претседателот, но сега останува да се види дали Аргентинецот по овој триумф ќе се премисли и ќе остане во Барселона. Онаму каде што ја мина цела своја досегашна кариера и каде се очекуваше да остане до крај. Се до конфликтот со Бартомеу…

Се вчитува...