Голем скандал поврзан со Меси, Аргентинецот обвинет за измама

Лео Меси се најде во центарот на скандал. Според ТМЗ, промотивната компанија „Вид“ со седиште во Мајами поднесе тужба против Меси и Аргентинската фудбалска асоцијација, тврдејќи дека претрпела значителна финансиска штета откако Меси не се појавил на еден од пријателските натпревари на аргентинската репрезентација.

Според тужбата, „Вид“ склучил договор со Аргентинската фудбалска асоцијација вреден 7 милиони долари за ексклузивни права за два пријателски натпревари – Аргентина против Венецуела и Аргентина против Порторико – кои се одиграа во октомври минатата година.

Компанијата тврди дека како дел од договорот, Лео Меси требало да игра најмалку 30 минути на секој од двата натпревари, освен ако не се повреди.

Сепак, Меси не играл против Венецуела на стадионот Хард Рок, туку го гледал натпреварот од трибините. Аргентинецот играл за Интер Мајами против Атланта Јунајтед веќе следниот ден, дополнително поттикнувајќи ја фрустрацијата на промотерот, кој тврди дека немало оправдување за неговото отсуство. Меси, сепак, настапил на натпреварот против Порторико.

„Вид“, исто така, тврди во тужбата дека претрпел дополнителни загуби откако еден од натпреварите бил преместен од Чикаго во Форт Лодердејл. Компанијата вели дека изгубила повеќе од 1 милион долари поради промената. Во исто време, имало различни толкувања за тоа зошто е променета локацијата – некои извештаи споменувале слаба продажба на билети, додека други наведувале безбедносни причини како причина.

Според медиумите, промотерот тврди дека Арнгетинската фудбалска асоцијација ветила дека ќе надомести преку идните натпревари против Кина, но тоа никогаш не се случило. Затоа „Вид“ сега бара надомест за изгубени пари и дополнителна штета.

Овој случај доаѓа кратко време по уште еден спор поврзан со настапите на Меси. ESPN минатиот месец објави дека MLS и Ванкувер Вајткепс се согласиле на спогодба во групна тужба во Канада, во која навивачите тврделе дека се потпирале на лажни промотивни материјали за да купат билети пред натпреварот на Интер Мајами во мај 2024 година.

Лигата и клубот се обвинети за заблуда на навивачите бидејќи во тоа време беше објавено дека Лео Меси и други ѕвезди на Мајами (Луис Суарез, Серхио Бускетс) ќе играат на натпреварот во Ванкувер, но ниту еден од нив дури и не патувал со тимот.

Се вчитува...