Металург бара вајлд-карта со Кил, Нант, Монпелје…

Европската куќа на ракометот ЕХФ ја објави листата од сите клубови кои аплицирале за учество во новата сезона од Лигата на шампионите. Сезоната 2017/2018 ќе биде јубилејна 25. за елитното европско клупско натпреварување, а ЕХФ нема да го менува форматот од последните две сезони, па во групната фаза повторно ќе учествуваат 28 екипи, двете „елитни групи“ со по осум учесници и групите Ц и Д кои ќе бројат по шест тима.

Вардар како актуелен европски првак сигурно ќе биде дел од ЛШ и во следната сезона, а Металург има право на учество во ЕХФ Купот, но како вицешампион на Македонија поднесе апликација за повторно да учествува во Лигата на шампионите. „Металурзите“ се еден од 19-те клубови кои поднесоа вакви апликации, заедно со повеќекратниот германски првак Кил, кој го освои само третото место во Бундес-лигата. Покрај Кил и Металург, на ваков чекор се решија уште и новиот тим на Кире Лазаров, Нант, потоа Монпелје, како и екипите на СКА Минск, Нексе, Бјерингбро, Адемар Леон, Сиудад де Логроњо, Татабања од Унгарија, Порто и Висла Плоцк. Досега праксата беше клубовите да бидат избирани преку реномето, па за очекување е Кил повторно да биде во елитните групи А и Б, а Металург да добие „виза“ за групите Ц и Д, заедно со Нант, тим кој лани доминираше во послабите по квалитет групи од ЛШ.

ЕХФ на состанокот на Извршниот Комитет на 24 јуни во Загреб ќе одлучи кои екипи ќе се најдат во елитното европско натпреварување. Извлекувањето на групите за новата сезона од Лигата на шампионите ќе се изврши на 30 јуни во Љубљана.

Се вчитува...