Металург пак ќе аплицира за место во ЛШ!

Големи се шансите Македонија и во наредната сезона да има два претставници во ракометната Лига на шампионите, откако вицепрвакот Металург денеска објави дека повторно ќе аплицира за место во групите Ц и Д, каде беше сместен во последните три сезони по промената на форматот на натпреварување во елитното европско натпреварување. Иако во медиумите постоеја најави за неизвесност околу иднината на клубот и квалитетот на ростерот во новата сезона, самата амбиција за место во ЛШ е јасен знак дека управата планира конкурентен тим и нема да дозволи заминување на предводниците на тимот.

“И следната сезона Металург има желба и амбиција да биде дел од најсилното европско клупско натрпеварување, Лигата на шампионите. Денеска ни завршуваат обврските во домашното првенство, а во текот на идната недела преку канцеларијата на РФМ ќе ја испратиме нашата апликација до ЕХФ. Се надеваме дека со нашата игра, нашиот квалитет и со создавачкиот концепт ќе ги задоволиме критериумите на ЕХФ и повторно ќе бидеме дел од ракометната елита“, вели Зоран Цветановски, претседателот на Металург.

Пивотот Пешевски се наоѓа близу до преселба во украински Мотор, капитенот Филип Кузмановски најверојатно ќе остане уште една сезона во Автокоманда, па потоа ќе се пресели во германски Магдебург, а неизвесна е и иднината на Јагањац, хрватскиот „бомбардер“ за чии услуги се интересира Загреб.

Се вчитува...