Металург почна со подготовки: Браќата Ниокас од прв ден на тренинг во Автокоманда

Тренерот на Металург, Иван Марковски, денеска ја одржа првата прозивка со која беше означен стартот на подготовките за наредната сезона. Поранешниот македонски првак по долги години нема да учествува во европските купови, откако донесе одлука да не ја искористи можноста да биде дел од Лигата на Европа, туку да се обиде да се консолидира на финансиски план за клубот конечно да застане на здрави нозе.

Засилувањата кои беа договорени и пред таа одлука сепак остануваат дел од плановите на клубот, тука пред се се мисли на браќата Ниокас, кои од првиот ден се ставија на располагање на стручниот штаб. Поранешните француски репрезентативци потпишаа договори уште во текот на минатата сезона за летово да пристигнат во Автокоманда и нема сомнеж дека ќе бидат главни адути на Марковски во нападот на што подобар пласман на домашната сцена, рамо до рамо со Хрватот Златко Хорват, кој потпиша нов договор со „металурзите“.

Тимот на Металург се засили и со португалското крило Рибеиро, потоа со францускиот лев бек Мане, како и со македонскиот репрезентативен пивот Константин Петров.

Се вчитува...