Металург се откажува од Лигата на Европа

Металург по долги години претставување на мак-ракометот на европската сцена во наредната сезона сепак нема да биде дел од Лигата на Европа, одлучи раководството на клубот од Автокоманда. Поранешниот првак со освоеното четврто место во плејофот обезбеди место во квалификациите за Лигата на Европа, но ЕХФ побара Металург да достави гаранција од 50.000 евра, нешто слично како што е случај и со Вардар и барањето на европската куќа на ракометот за депозит на еден милион евра на „црвено-црните“ за настап во Лигата на Шампионите.

Металург со години наназад се соочува со сериозни финансиски проблеми поради долгувањата од претходните раководства на клубот. Во последните години тие долгови се намалија, но „металурзите“ овојпат решија наместо да трошат пари за настап во Европа (за разлика од фудбалот, во ракометот настапот во европските купови носи трошок, а не добивка, особено во квалификациските рунди) да се посветат кон расчистување на сметките.

Останува да се види што ќе значи ова на играчки план, ако се знае дека клубот од Автокоманда неодамна потпиша нов договор со Хорват, а ги претстави и браќата Нијокас како големи засилувања за новата сезона. Во текот на следната седмица Металург би требало да одржи прес-конференција на која ќе бидат познати и сите детали околу плановите и амбициите за сезоната 2021/22.

Се вчитува...