Мидлтон блесна посилно од „сонцата“ во Милвоки

Милвоки израмни на 2-2 во финалната серија од НБА-лигата откако бакс го забележа и вториот триумф на домашен терен над Феникс, овојпат со резултат 109-103.

Во главна улога беше Крис Мидлтон, кој беше незапирлив за гостите од Феникс финиширајќи го натпреварот со 40 поени, најмногу во победничката екипа. Мидлтон погоди неколку клучни шутеви во завршницата, кога Милвоки во последните три минути го сврте резултатот во своја полза и стигна до победата. Стандардно одличен беше и Адетокумбо, кој овојпат заврши со 26 поени, 14 скокови и осум асистенции, но грчкиот ас имаше и клучна блокада при обид за цепелин на Ејтон на нешто повеќе од една минута до крајот, при водство на Милвоки од 101-99.

Во таборот на Феникс најистакнат беше Девон Букер со 42 поени, но и тоа беше недоволно за да се направи „брејк“ во Милвоки.

Се вчитува...