Милан е баш активен: Потпишан Бакајоко, договорен и Кастилјехо

Челниците на Милан продолжуваат со засилени активности за доведување на нови фудбалери со кои „росонерите“ би атакувале на висок пласман во новата сезона. По долги преговори, денеска конечно беше комплетиран трансферот на Тиемуе Бакајоко, кој доаѓа од редовите на Челси. Тренерот Гатузо побара да му биде доведен квалитетен играч за средниот ред, а Бакајоко е токму тоа, откако претходно со голем успех го носеше дресот на Монако. Тој не е дел од плановите на новиот менаџер Маурицио Сари, поради што му беше дозволено да се пресели на едногодишна позајмица во Милано.

„Презадоволни сме што можеме да го потврдиме потписот на Бакајоко од Челси. Овој 23-годишен фудбалер доаѓа на позајмица, со опција да биде откупен наредното лето. Неговата официјална промоција е закажана на прес-конференција на 17 август“ – објави Милан.

Воедно, „росонерите“ денеска договорија уште едно значајно засилување, па нов член на овој клуб ќе стане и крилниот офанзивец на Вилјареал, Саму Кастилјехо. Италијанскиот гигнат подолго време преговараше со „жолтата подморница“ околу преселбата на Карлос Бака, за на крајот да биде постигнат договор – Колумбиецот целосно да се пресели во Вилјареал, а Кастилјехо летово да дојде на позајмица во Милан, кој на крајот од сезоната ќе плати 18 милиони евра за целосно да го откупи неговиот договор со шпанскиот прволигаш.

 

Се вчитува...