Милан има план: Го продава Тонали, па со парите ќе купи тројца нови фудбалери

Заминувањето на Паоло Малдини од директорската функција ќе ја промени и трансфер-политиката на Милан, па „росонерите“ се подготвуваат за заминување на најмалку еден од клучните играчи во тимот. Најблиску до заминување во моментов е плејмејкерот Сандро Тонали, за кого сериозен интерес покажува премиерлигашот Њукасл.

Првата понуда во висина од 55 милиони евра веќе беше одбиена, но „црно-белите“ најавиле пристигнување во Милано во текот на денешниот ден, за финализирање на трансферот на италијанскиот репрезентативец. Милан инсистира на 80 милиони евра отштета, но во таборот на Њукасл владее оптимизам дека со понуда од 70 милиони евра ќе може да биде комплетиран овој трансфер за Тонали уште од стартот на подготовките да му се стави на располагање на тренерот Еди Хау. Самиот фудбалер ќе добие плата од загарантирани осум милиони евра, што е двојно повеќе од она што моментно го заработува во Калчо-лигата.

Милан ќе нема сериозен буџет за засилувања, па затоа „росонерите“ мора да продадат некој од поскапите играчи за да ги доведат фудбалерите што Пиоли сака да ги види во тимот. Како што јавуваат италијанските медиуми, со отштетата од Тонали се очекува да бидат ангажирани три нови засилувања, и тоа Фратези од Сасуоло, како и тандемот на Челси, Кристијан Пулишиќ – Рубен Лофтус Чик.

Останува да се види дали Тонали ќе биде единствениот првотимец кој летово ќе си замине од Милан, по најавите дека голманот Мењон е блиску до Челси, но и дека левиот бек Тео Хернандез е крајно незадоволен од заминувањето на Паоло Малдини од клубот.

Се вчитува...