Милан има проблем – никој не дава пари за Пјонтек

Кжиштоф Пјонтек најавуваше дека е подготвен да се бори за првотимското место во Милан и покрај доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ, но веќе стана сосема јасно дека тренерот Пиоли воопшто не смета на услугите на полскиот голгетер. Таткото на Пјонтек објави дека неговиот син почнува да ги разгледува опциите за продолжување на кариерата, но проблемот е поинаков – ниту еден од заинтересираните клубови не сака да плати отштета за да го откупи Полјакот од Милан.

Тотенхем покажа сериозен интерес, но Мурињо испрати само понуда за позајмица со покриена плата, но и минимална сума за „росонерите“. Сличен беше и обидот на Барселона да го доведе Пјонтек како замена за повредениот Суарез, но преговорите беа прекинати откако каталонците го слушнаа ставот на Милан – голгетерот е достапен за перманентен трансфер, но не и за позајмица.

Вест Хем и Манчестер Јунајтед исто така покажаа првичен интересен, но немаат намера да се согласат на условите на „росонерите“. Јасно е, Малдини и Бобан се наоѓаат во незавидна состојба, дали да останат на цврстиот став и шест месеци да плаќаат незадоволен играч на кого тренерот не смета. Или да се премислат, па да разговараат за позајмица на Пјонтек, со надеж дека тој ќе се покаже во новиот клуб, па во летниот преоден рок полесно ќе го продадат.

Се вчитува...