Милан како селски клуб – никој немал храброст да му каже на Бобан дека е отпуштен

Во управата на Милан владее раскол, јасно е дека Звонимир Бобан повеќе нема да раководи со „росонерите“, но американските газди на клубот се цел на остри критики поради третманот на Хрватот и начинот на кој му била соопштена разделбата.

Имено, никој од челниците на клубот не собрал храброст за лично да се сретне со Бобан, па отказот му бил испратен со препорачано писмо што поранешниот фудбалер на „росонерите“ го примил во петокот. Според весникот „Газета дело спорт“, во него е наведено дека Звонимир Бобан добива отказ поради своите коментари во медиумите, против актуелниот претседател на клубот, Иван Газидис.

Бобан заедно со вториот оперативец во клубот, Паоло Малдини, не е задоволен што Газидис на своја рака преговарал со Ралф Рангник, за актуелниот директор на Лајпциг летово да се пресели на „Сан Сиро“, и тоа како тренер на екипата. Хрватот сметаше дека тоа е директно уривање на неговиот авторитет, влезе во отворен конфликт со Газидис и ја загуби битката, што резултираше со отказ.

 

Се вчитува...