Милан смени шест тренери за четири години

Раководството на Милан денеска одлучи да ја прекине соработката со Винченцо Монтела по вчерашното реми без голови против Торино, на негово место пристигна клупската легенда Џенаро Гатузо. „Аеропланино“ беше шестиот стратег кој застана на клупата на „росонерите“ откако Масимилијано Алегри си замина од „Сан Сиро“ во 2014 година, податок кој вели дека седумкратниот европски првак не може да се стабилизира и врати при врвот на италијанскиот фудбал по заминувањето на сегашниот предводник на Јувентус.

2218715-46273150-2560-1440

Алегри го напушти клубот во јануари 2014 година, асистентот Мауро Тасоти беше привремена замена, а во остатокот од сезоната Кларенс Сидорф ја предводеше сениорската екипа.

По Сидорф, на клупата седна уште една клупска легенда, Филипо Инзаги, издржа цела 2014/2015 сезона. Синиша Михајловиќ пристигна летото 2015 година, но доби отказ во април 2016 година, иако го однесе Милан до финалето на италијанскиот Куп, а Кристијан Броки раководеше со тимот во преостанатите натпревари.

Минатото лето, Винченцо Монтела беше назначен за предводник на Милан, кој се стремеше да постави темели во клубот и да го врати Милан меѓу најдобрите во Италија, но издржа само 64 официјални средби. Монтела заминува со солидна, но недоволна статистика за кинеските газди, од 64 меча – 33 се победи, 18 порази и 13 реми.

Непрепознатлива карактеристика за овој клуб, бидејќи во периодот од 2001 година до 2014, само тројца тренери го предводеа Милан, Карло Анчелоти, Леонардо само една сезона, и Макс Алегри.

Се вчитува...