Под специфично мото „пет до дванаесет“ како финална назнака дека веќе изминува времето за реален финансиски спас на најтрофејниот македонски клуб, ФК Вардар денеска одржа прес-конференција на која ги повика државните институции конечно да одговорат на обидите за изнаоѓање решение за, како што нагласуваат, клубот на народот.
Првиот човек околу организациското моментално функционирање на Вардар, Милорад Миленковски, информираше дека има заинтересиран инвеститор за влез во црвено-црните редови, но, како што нагласи, сето тоа се испречува поради ингнорантскиот однос на државните институции кои повеќе од неколку месеци воопшто не одговараат на обидите за изнаоѓање решение.
„Часот за Вардар од поодамна е пет до 12. За тоа е и оваа прес-конференција. За нас е зачудувачки како се однесува оваа држава кога странски инвеститор е заинтересиран да влезе во ФК Вардар со инвестиција можна од 18 милиони евра. Тоа е инвестиција од чиј дел ќе биде покривање на основниот долг од околу три милиони евра. Но, ние се уште немаме официјален одговор од институциите што и како се долговите на ФК Вардар. Ние се обидуваме да доведеме странска инвестиција, за спас на ФК Вардар, но државните институции се однесуваат ингнорантски без одговор на нашите барања уште од 27. јуни. Ние од тогаш немаме никаков одговор од ниту една од надлежните институции како ПУИГ, УЈП па се до премиерот на Владата. За нас е зачудувачки дали надлежните институции секогаш се однесуваат вака кога се најавуваат странски инвестиции? Еве, нека биде и хипотетечки дали ќе дојде некој инвеститор, но дали ова е начинот на кој се однесува државата, дали е ова начинот на кој се привлекува инвеститор. Ние сами не можеме да доведеме странски инвеститор во клубот, па и домашен, ако државата не помогне околу тоа. Не можеме да се помириме со ваков ингнорантски однос кон ФК Вардар, затоа што на крајот на краиштата не е само наша должност да го заштитиме Вардар кој е клуб на народот“ – истакна Миленковски, и дополнува:
„Може да кажам дека имаме преговори со наведениот инвеститор, но имаме меѓусебен договор за дискретност во време додека траат договорите. Затоа не сакаме да откриваме повеќе. Сепак, за да сето тоа се реализира, ќе повторам, мора да има помош и вклучување и на државата и нејзините институции“.
Од раководството на Вардар потенцираат и дека, по најавата за одржување на прес-конференцијата, се јавиле веднаш некои државни инситуции кои сега понудија решение на одредени проблеми кои беа актуелизирани пред неколку месеци.
„Откако се најави оваа прес-конференција, интересно, се јавија веднаш дел од институции па имавме еден конструктивен разговор со ПУИГ на кои ни беше ветено дека ќе бидат реализирани дел од нашите барања доставени уште во јуни. Да бидеме искрени, откако ја најавивме оваа прес-конференција не повика и претставник на Владата задолжен за спортските прашања, па очекуваме наскоро одговор од Владата затоа што факт е дека повеќе се нема време ако навистина се сака помош за клубот“ – вели Миленковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА