Милевски: Ниту сум дозволил, ниту ќе дозволам некој да ми се меша во изборот на репрезентативците!

Македонската репрезентација до 21 година веќе ги загуби шансите за една од првите две позиции во квалификациите за пласман на ЕП 2019 по убедливиот пораз од 0-4 и од Австрија во Скопје.

Австријците лесно ги искористија сите грешки во одбраната на избраниците на Благоја Милевски и уште по првото полувреме го решија прашањето околу победникот на натпреварот. Интересно, се до поразот од Србија во овие квалификации, Благоја Милевски во целата своја тренерска кариера имаше само еден пораз на домашен терен, како тренер на Вардар против Стеауа Букурешт!

Сега, со новата генерација млади фудбалери, Македонија навлезе во серија порази, поради што Милевски најави и можност за промени во составот за продолжението од квалификациите…

„По низата негативни резутати, чусвтвото секако не е пријатно, но мораме да веруваме во нашите фудбалери. Австрија го направи тоа што нас ни требаше – постигна погодок. Гибралтар исто така, а се почна од натпреварот со Србија. Реализаторски способности имаме и се надевам дека ќе пронајдеме реализатор. Најлесно е да се биде негативен, а посебно не ги сакам калкулациите. Ние сега мораме да размислуваме како да победиме на следниот натпревар против Русија“ – вели Милевски во анализата на досегашниот тек од квалификациите за официјалната интернет страница на ФФМ.

Австрија не игра најквалитетен фудбал, но се покажаа најтежок противник. По упорноста, борбеноста, агресивноста, па дури и со нечисти стартови кога тоа беше неопходно. Статистички ние одигравме ништо полош натпревар од противникот, со повеќе напади и удари кон голот на противникот, со поголем посед, но индивидуалните грешки, деконцентрацијата на поединци, без доволно „машка игра“ и агресивност, не чинат убедлив пораз“коментира Милевски.

Што се однесува до досегашниот избор на репрезентативците, но и околу најавите за извесни промени во иднина…

„За составот одговарам јас. Статистиката немаше да биде со истите бројки и показатели доколку тактиката и анализата беше промашена од моја страна. Верувам во себе и во своите одлуки, понекогаш и инстинкт. Апсолутно верувам и во своите фудбалери. Мене ми е јасно дека сите се попометни по пораз, но никогаш во кариерата не сум дозволил некој да влијае на мојата работа , нема ниту сега.  Додека сум јас селектор нема да дозволам никој да се осмелува да турка некој или да суфлира за нешто околу изборот на фудбалери. Ги избирам оние што сметам дека во моментот се најподготвени и најдобри. Фудбалерите знаат да играат фудбал, го покажале тоа многу пати, но мора да се подготват и самите да се носат со притисокот од натпреварите на ова ниво, секако со наша помош, мислам дека тоа во моментов е најголем наш проблем. Тоа го покажува статистиката на сите досегашни натпревари, а посебно на последниот со Австрија каде во речиси сите параметри сме подобри од противникот, а загубивме“ – вели Благоја Милевски.

Се вчитува...