Дејан Милосављев на почетокот на сезоната имаше тешка задача да го замени легендарниот Арпад Штербик на голот на Вардар. Сепак, со одличните партии младиот српски голман по само неколку натпревари ги доби симпатиите од македонската публика. Тој во интервју за официјалниот веб портал на Лигата на шампионите, вели дека натпреварот против Пик Сегед во „Јане Сандански“ е нешто што нема никогаш да го заборави.
„Секој натпревар е специјален за мене, но тој против Пик Сегед е меч кој јас никогаш нема да го заборавам. Нашите фанови ни приредија неверојатно доживување. Немам зборови да го објаснам тоа што се случуваше, бидејќи чувството беше повеќе од само спорт“, вели Милосављев.
Тој вели дека сон за секој ракометар е учество на Фајнал-фор турнир и е среќен што ќе биде дел од турнирот и ќе може да ја почуствува целата атмосфера.
„Фајнал 4 е сон за секој ракометар и јас сум навистина среќен што ќе бидам дел од него. Келн покажал дека фаворитите ретко го освојуваат трофејот. Се надевам дека ќе бидеме фит и ќе дадеме максимум на теренот. Се на се ова беше неверојатна сезона, а мојата последна желба е да ја освоиме Лигата на шампионите“, заврши Милосављев.
Вардар во полуфиналето на завршниот турнир во Келн ќе се сретне со Барселона, а натпреварот е закажан за 1. јуни со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА