Милосављев: Три дена не спиев и не јадев пред да станам европски шампион со Вардар

Поранешниот голман на Вардар Драган Милосављев кој со македонскиот клуб во 2019 година ја освои титулата во Лигата на шампионите во интервју за српски „Журнал“ говореше за времето поминато во Скопје и освојувањето на трофејот на Ф4 турнирот во Келн.

Тој вели дека имал голем притисок бидејќи сите очекувале многу од него и дека поради тоа три дена ниту спиел, ниту јадел додека бил во Келн.

„Во тие три дена од фајналфорот едвај спиев, можеби и еден час дневно, а не ни јадев. Обично сум опуштен, не сум нервозен, мирен сум, но тогаш во Келн ги менував маичките на секои половина час бидејќи се потев. Чувствував одговорност бидејќи тимот ми веруваше и сакав да дадам се што можам во тој момент. Како некој да ме исфрли на покривот на Ланксес Арената кога ја освоивме титулата. Не знаев каде да одам, дали да одам во соблекувална или да се јавам на моите или да одам кај жена ми. Не знаев што да правам со себе. Дочекот во Скопје беше нешто посебно. Мислам дека ни најголемите фудбалски или НБА тимови не го доживуваат тоа. Совршенство. Капата долу за оние луѓе кои навиваа за нас и нè пречекуваа. Македонија живее за ракометот, за Вардар“, изјави Милосављев.

Се вчитува...