Министерството потврди: Ѓоковиќ ќе ја заборави Австралија во следните три години, Србинот има забрана за влез до 2025-та!

Министерката за внатрешни работи на Австралија, Карен Ендрјуз потврди дека најдобриот светски тенисер во моментов Новак Ѓоковиќ поради укинатата виза и депортацијата добива автоматски забрана за влез во земјата во следните три години, што значи дека Србинот до 2025 година нема да игра на својот најомилен гренслем кој деветпати досега го освојуваше.

Ѓоковиќ вчера беше депортиран од Австралија и со авион на „Емирејтс“ замина за Дубаи, после одлуката на федералниот суд да се потврди одлуката на министерот за имиграција Алекс Хоук со што му се укинува визата и се депортира од земјата.

„Укинувањето на визата ја потврди федералниот суд, така да врз база на тоа, на Ѓоковиќ ќе му биде забранет влез во следните три години“, рече Ендрјуз во утринската програма во Австралија денеска.

Ендјуз најави дека одлуката за поништување на забраната за тригодишен влез е можна, но сето тоа е хипотетички и сѐ зависи од аргументите што страната, во случајот Ѓоковиќ, би ги поднеле за да биде укината таа забрана.

„Можно е да се укине забраната за влез врз база на понудени аргументи, но во моментов сето тоа е хипотетички. Секое такво барање се разгледува поединечно во зависност од тоа какви аргументи се поднесени“, додава министерката.

 

 

 

Се вчитува...