Мираковски: Најдоброто од Работнички допрва следи

Работнички го загуби и второто вечно дерби сезонава од МЗТ Скопје, овојпат по огромна битка во која „металците“ имаа повеќе искуство да го решат победникот во последните секунди. Димитар Мираковски се уште е во исчекување на првата победа како тренер над вечниот ривал, но младиот стратег верува дека формата на „центарци“ ќе се движи напред како што ќе одминува времето.

„Имаме за што да жалиме, особено по беспрекорното прво полувреме во кое нападот ни функционираше беспрекорно. Во вториот дел тие одиграа нешто поагресивно во одбраната, експресно се вратија во мечот, а потоа во завршницата и стигнаа до победата. Напаѓачки одигравме одлично, но не си ја завршивме работата во одбраната, кога ќе се примат 92 поени од МЗТ не може да се очекува победа. Без оглед на се, верувам дека најдоброто од Работнички допрва следи. Во изминатиот период имавме проблеми со повреди, не можевме да одржиме комплетен тренинг, а на дербито воопшто не настапија Глигоријевиќ и Ефремовски. Сепак, успеавме да доведеме квалитетни засилувања, од натпревар во натпревар играме се подобро и верувам дека Работнички во топ-форма ќе го дочека клучниот дел од сезоната“, изјави Мираковски.

Пласманот во Супер-лигата е веќе одамна обебеден, но тренерот на „центарци“ предупредува дека овојпат битката за пехарите ќе биде многу потешка отколку во претходните години, кога Работнички и МЗТ Скопје го имаа главниот збор.

„Сведоци сме дека од самиот старт на сезоната се случија изненадувачки резултати, што е само потврда за израмнетоста во квалитетот. Екипите кои влегоа во Супер-лигата никогаш не биле поизрамнети, згора на тоа дополнително се носат засилувања, што само ќе ја направи поинтересна битката за трофеите“, истакна стратегот на Работнички.

Се вчитува...