Мираковски: Победите над МЗТ се секогаш добредојдени

Кошаркарите на Работнички се максимално подготвени за предизвикот што го носи денешниот дерби дуел против МЗТ Скопје (18 часот, сала „Градски парк“). Фактот дека „црвено-белите“ имаат 18 победи во досегашните 18 кола не значи ништо кога се игра дуел со вечниот ривал, па на избраниците на Марин Докузовски им е јасно дека ќе мора да одиграат најдобро што знаат и умеат за да ја продолжат победничката серија.

„Секој нов дерби натпревар меѓу Работнички и МЗТ значи и нов предизвик за сите, особено за македонските кошаркари кои го знаат значењето на овие дуели за нашите навивачи. Годинава за првпат по неколку сезони пауза сме релативно израмнети, што ги прави нашите пресметки уште поинтересни. Искрено, малку сум изненаден што овој дуел ќе нема влијание врз конечниот изглед на табелата, но тоа не ја намалува нашата мотивација, сакаме да одиграме најдобро што може бидејќи победите над МЗТ Скопје се секогаш добредојдени. Очекувам борбеноста и мотивираноста да бидат пресудни фактори, а ние тука нема да потфрлиме“ – изјави Димитар Мираковски.

МЗТ Скопје е единствениот тим што сезонава го совлада Работнички, во финалето од Купот на Македонија, но Мираковски е убеден дека овојпат приказната ќе биде поинаква.

„Неиграњето на Гинјард се покажа како клучен фактор на тој натпревар, бидејќи значително ни се намали ротацијата на надворешните позиции и загубивме здив токму кога беше најважно. Во тие моменти бевме најдобри на првото дерби против МЗТ во Аеродром, очекувам да го повториме истото и денеска во „Градски парк“, бодрени од нашите верни навивачи“ – оптимистички е расположен главниот организатор на играта на Работнички.

Се вчитува...