Mиралем Пјаниќ стави крај на кариерата: Го поминав целиот живот свирејќи ја оваа мелодија

Босанско-херцеговскиот фудбалер Миралем Пјаниќ (35) официјално објави дека ја завршува професионалната фудбалска кариера. Преку објава на Инстаграм, тој емотивно се прости од терените, користејќи ја метафората за фудбалот како музика.

„Го поминав целиот свој живот свирејќи ја својата мелодија. Секој допир, секое додавање, секој шут. Фудбалот беше мојата музика, теренот моето пијано. Мојот сон отсекогаш бил да ви ја покажам убавината на оваа игра. Денес, со срце полно со благодарност, можам да кажам дека оваа симфонија беше мојот живот. Беше чест да ја споделам со сите вас“, напиша Пјаниќ.

Тој изрази посебна благодарност до семејството, тренерите, соиграчите, техничкиот персонал, лекарите и навивачите, кои беа дел од неговата „музика“ низ годините. Во изминатите денови се појавија шпекулации дека Пјаниќ би можел да се врати на терените во дресот на казахстанскиот клуб Актобе, но тој ги демантираше тие информации.

Претходно, во интервју за италијанските медиуми, тој потврди дека повеќе нема да игра фудбал и дека сега приоритет му е семејството, особено синот. Пјаниќ во кариерата одигра над 780 натпревари, освои четири титули во Серија А со Јувентус, Куп на Шпанија со Барселона, два Купа на Италија и други трофеи, оставајќи трага во клубови како Ромa, Јувентус, Барселона и Бешикташ, како и во репрезентацијата на Босна и Херцеговина.

Се вчитува...