Мириса на долго фудбалско лето: Вардар непоразен (1-1) се враќа од Малме

Македонскиот шампион Вардар ремизираше (1-1) на „Сведбанк арена“ против Малме во првиот меч од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите. Ова е одличен резултат во пресрет на реваншот кој ќе се одигра во Струмица. „Црвено-црните“ имаат повеќе од реални шанси да го елиминираат шампионот на Шведска и по повеќе од една деценија да минат пречка во елитното европско натпреварување.

Бобан Николов беше стрелец на голот за водство на Вардар во 63.минута, но израмни Франц Брорсон во 75.минута од мечот.

Вардар одигра солиден меч на гости во Шведска. Успеа да ја неутрализира противничката игра, а може да жали и за триумф, затоа што имаше водство со голот на Николов.

Во 18.минута, Боарето имаше убава шанса, излезе сам од левата страна, шутираше, но во надворешниот дел од мрежата на домашниот гол. Веќе во следниот напад се закани и Малме. Тинерхолм продре по десната страна, уфрли во петерецот за Бергет, но неговиот шут успеа да го скроти Гачевски.

Во 32.минута, Ракип се одлучи на удар од далечина, но голманот на Вардар беше фокусиран и ја исфрли топката во корнер. Возврати и македонскиот првак две минути подоцна.

Боарето повторно шутираше од работ на шеснаесетникот, но над голот.

Пред крајот на првиот дел, Малме се закани со удари од далечина на Бергет и на Јотун, но фудбалерите на шведскиот првак не беа прецизни.

malme - vardar 3

Во 55.минута, Кристијансен шутираше од 25 метри, но над голот на Вардар.

А, потоа македонскиот шампион стигна до водство. Во 63.минута, Боарето го проигра Бобан Николов, кој се реши на удар од 14 метри, го погоди дирекот, а потоа топката отседна во мрежата на Малме.

Сепак, радоста траеше само десетина минути. Малме се врати со голот на Брорсон со 75.минута.

malme - vardar 4

Еикрем нафрли од слободен удар, а Брорсон скокна највисоко во шеснаесетникот на „црвено-црните“ и со удар со глава, погоди зад грбот на Гачевски.

Четири минути подоцна, Кристијансен имаше шанса да го доведе Малме во водство, но Гачевски беше сигурен.

Во 87.минута, Нилсен имаше можност по корнерот од левата страна, но не беше прецизен.

На крајот Малме можеше до победа. Брорсон во четвртата минута од судиското продолжение распали од 14 метри откосо од десната страна, и ја погоди гредата. Вардар имаше голема среќа во завршницата.

МАЛМЕ – ВАРДАР 1-1 (0-0)

Сведбанк стадион. Гледачи: 20.000. Судија: Торвалдур Арнасон (Исланд). Стрелци: Брорсон 75’ (Малме), Николов 63’ (Вардар). Ж. картони: Цибицки (Малме), Барсегјан, Грнчаров, Фелипе, Николов, Гачевски (Вардар).

МАЛМЕ: Виланд, Тинерхолм, Нилсен, Брорсон, Конате (65’ Еикрем), Левицки, Кристијансен, Ракип (65’ Сванберг), Јотун, Бергет, Цибицки (85’ Берквист).

ВАРДАР: Гачевски, Ханбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири, Николов, Спировски (78’ Којашевиќ), Исени (46’ Глигоров), Фелипе, Барсегјан (72’ Блажевски), Боарето.

Се вчитува...