Мирјета Бајрамовска – нова „вардарка“

Македонската репрезентативка Мирјета Бајрамовска (32) од следната сезона ќе го носи дресот на Вардар. Левиот бек на македонската репрезентација со „црвено-црните“ потпиша едногодишен договор. Таа е втората репрезентативка на Македонија што доаѓа во редовите на европскиот вицешампион, по левото крило, Јована Саздовска.

По три сезони поминати во словенечкиот Крим Меркатор, Бајрамовска реши да се врати во Македонија и да ја продолжи кариерата во Вардар.

„Взаемниот интерес за соработка е клучот на мојата одлука да потпишам за Вардар, а можеби и тука да ја завршам кариера. Секој спортист сака да биде првак на Европа и да ја освои лигата на шампионите, а тоа може само со неколку клубови во Европа, а меѓу нив е Вардар.Уште поголем императив е со македонски клуб да се борам за титулата во ЛШ, и би сакала и јас да дадам свој придонес во тоа. Секогаш сакам да бидам во клуб каде професионализмот е на прво место, и кога секој си ги извршува задачите, резултатите се неизбежни. Инфраструктурата и условите што ги има Вардар се најдобри во Европа. Сакам да се заблагодарам на менаџерскиот тим на Вардар и сопственикот Сергеј Самсоненко за укажаната доверба за која максимално ќе се посветам да ја оправдам со моите настапи“ изјави Мирјета Бајрамовска.

Таа од 2014 година настапуваше за словенечкиот првак Крим од Љубљана. Беше една од најдобрите ракометарки таму, но реши да се врати во татковината и го одбра Вардар. Има интернационално искуство, со Крим играше во лигата на шампионите, и годинава играа во главната фаза. Постигна вкупно 32 гола, најмногу на средбата со Митјиланд, 7. Претходно во сезоната 2014/2015 постигна 59 гола во ЛШ за Крим.

Има настапувано и за екипите на МАР Аликанте од Шпанија и Драма од Грција, и за Пелистер, Кометал ЃП, Еуростандард ЃП Металург. Со Кометал ЃП и Металург беше и првак на Македонија, а со Крим на Словенија. Во сезоната 2009/2010 како дел од Металург беше и најдобра стрелец во Купот Челинџ со вкупно 69 постигнати гола.

Подготовките за новата сезона Вардар ќе ги почне на 1 август во Скопје.

Се вчитува...