Мирковски: Работнички да биде тим препознатлив по борбата за секоја топка

Се е подготвено за официјалниот старт на Супер-лигата, во која Работнички влегува финансиски стабилизиран по турбулентната сезона што „центарци“ ја имаа и со многу мака се бореа за опстанок, наместо за највисок пласман.

Владимир Мирковски остана на клупата на Работнички, ги одработе целокупните подготовки според планот и сега со нетрпение ги очекува новите предизвици.

Тој во разговор за официјалната веб-страница на МКФ одговараше на прашања поврзани со неговиот тим пред стартот на новата сезона.

* Колку сте задоволни од сработеното во подготвителниот период и дали тимот ја дочекува премиерата на новата натпреварувачка сезона во посакуваната физичка и тактичка форма?

 „Задоволен сум од она што го сработивме во подготвителниот период. Секако, секогаш има простор за напредок и верувам дека најдобрата форма треба да ја достигнуваме постепено, низ сезоната. Најважно е што играчите добро реагираа на барањата, работевме квалитетно и мислам дека сме подготвени за стартот на првенството. Имаме уште детали на кои треба да работиме, но верувам дека физички и тактички сме на добро ниво за премиерата“.

* Со оглед на засилувањата во сите клубови, каква Супер лига лига очекувате оваа сезона и каде ја гледате предноста на вашиот тим во однос на директните ривали?

„Очекувам многу интересна, квалитетна и изедначена сезона. Повеќето екипи се засилија и тоа е добро за македонската кошарка, бидејќи ќе има повеќе силни и неизвесни натпревари. Нашата предност ја гледам, пред сè, во тимската игра, дисциплината и желбата за докажување. Работнички секогаш има високи амбиции и голема традиција, но тоа мора да се потврдува на терен на секој натпревар. Ќе одиме чекор по чекор и максимално ќе го почитуваме секој противник“.

* Колку е важна победата во премиерното коло од психолошки аспект и каква порака сакате Вашата екипа да испрати до јавноста и навивачите со првиот сезонски настап?

„Секако дека секоја екипа сака да ја започне сезоната со победа, бидејќи добриот старт носи самодоверба и позитивна атмосфера. Сепак, едно коло не ја одредува целата сезона. За нас е најважно уште од првиот натпревар да покажеме енергија, борбеност, дисциплина и одговорност кон дресот на Работнички.

Сакам навивачите да препознаат тим кој ќе се бори за секоја топка и кој на секој натпревар ќе дава максимум. Резултатите потоа треба да дојдат како плод на таквиот пристап“.

Се вчитува...