Миркуловски во нова мисија: Играч, тренер, скаут на Вецлар за Балканот…

Филип Миркуловски уште пред извесно време потпиша нов договор со Вецлар, при што германскиот клуб обелодени дека тој во следната сезона ќе биде „бекап“ играч и член на стручниот штаб. Нашиот долгогодишен репрезентативец во разговор за германските медиуми обелодени што ќе биде неговата главна задача – скаутирање на млади и талентирани ракометари од Балканскиот полуостров.

„Два до три пати неделно ќе тренирам со екипата, а во меѓувреме ќе разговарам со стручниот штаб. Моја задача ќе биде видео-анализа на противникот, а исто така ќе помагам и во скаутирањето на играчите од Балканскиот полуостров. Ги знам сите клубови во Македонија, а имам и бројни контакти во Хрватска, така што ќе ми биде полесно да најдам млади и талентирани ракометари од регионот“, открива Миркуловски.

Тој очекува и да мине извесно време на теренот во новата сезона, за од следното лето целосно да се посвети на работата во стручниот штаб на Вецлар.

„Не знам што точно ќе се случува, но очекувам да играм. Имаме квалиетни опции на среден бек, Фелд е уште тука, го доведовме и Магнус Фредриксен, кој е многу добар играч. Ќе разговараме со тренерот и верувам дека и јас ќе добијам шанса во дел од натпреварите“, вели македонскиот репрезентативец.

Се вчитува...