Мишевски го замени Вардар со Гренобл

Марко Мишевски реши летово да си замине од Вардар во потрага по поголема минутажа, а младиот бек кариерата ќе ја продолжи во Франција. Тој денеска потпиша договор со екипата на Гренобл, која трансферот го потврди и на својата официјална веб-страница.

Францускиот клуб се пофали дека е доведен играч што има тренирано и настапувано за актуелниот првак на Европа, потенцирајќи дека Мишевски пристигнува во Гренобл за да продолжи да се развива како играч.

„Добиваме играч кој ја има освоено Лигата на шампионите. Тој е ракометар со голем потенцијал, подготвен да игра добро и во нападот и во одбраната, максимално мотивиран да се докаже во нашиот клуб. Моја работа е да го извлечам најдоброто од него и да му помогнам да си ја оствари желбата – да се промовира во ракометар од висока класа“ – изјави тренерот на Гренобл за Мишевски.

Гренобл минатата сезона настапуваше во втората француска лига, но испадна од ова друштво и во новата сезона ќе се натпреварува во третата лига.

 

Се вчитува...