Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 19 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“ против актуелниот светски шампион, Шпанија ја започнува мисијата „Мундобаскет 2023“.
Селекторот Драган Бајиќ кој ја доби довербата од „куќата на кошарката“ пред претквалификациите за СП во однос на турнирот кој беше одигран во Скопје направи промени во ростерот па во однос на дуелите со Швајцарија и Словачка ќе недостасуваат Андреј Андоновски, Горјан Марковски и Марко Миловановиќ, а нивните места се заменети со искусните Дамјан Стојановски и Кирил Николовски, како и Андреј Маслинко.
Натпреварите од претквалификациите ни ја дадоа реалната слика за македонската репрезентативна кошарка, а ги изразија и проблемите со континуитетот па ќе биде интересно да видиме колку Македонија напредна од август до сега. Јасно е дека Шпанија е апсолутен фаворит на овој меч, но исто како и на претквалификациите на „црвено-жолтите“ е да дадат се од себе, а дополнителна мотивација за противник како светскиот шампион не е потребна.
„Мислам дека секој натпревар мора да е посебна приказна за себе. Почнуваме со актуелниот светски првак, самото по себе, тоа говори за каква квалитетна репрезентација станува збор. Мора да бидеме најдобри доколку сакаме позитивен резултат на тој натпревар. Шпанија си е Шпанија, со кој состав и да дојде има квалитетни играчи. Мора да сме максимално спремни и фокусирани во текот на целите 40 минути од натпреварот. Во спортот никогаш не се знае што ќе биде и што тој ќе ти донесе, така што ние ќе се бориме максимално и ако ни се даде можност и шанса да бидеме победници на овој натпревар“, изјави Дамјан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА